Tag Archives: Триглав

АСО: Уника Лајф единствена компанија без судски спор во првите три квартали

Агенцијата за супервизија на осигурување ги објави извештаите за работењето во првите три квартали на друштвата за застапување во осигурување, осигурително брокерските друштва и осигурителните друштва.

Осигурителните компании во Македонија во првите три квартала полисирале бруто премија од  6.799.774.000, од кои 5.851.861.000 денари се за неживотно осигурување, а останатите 947.913.000 денари се за животно осигурување. Најголема БПП помеѓу сите компании има Триглав со 1.026.701.000, пред Осигурување Македонија со 700.596.000 денари и Еуролинк 680.547.000 денари.

Од компаниите кои нудат животно осигурување, водечка и понатаму водечка е Кроација живот со БПП од 404.306.000 денари, пред Граве 338.243.000, Винер 90.505.000 и Уника 54.406.000 денари. На традиционални полиси за осигурување на живот полисирана е бруто премија од 882.383.000 денари, додека на полиси каде инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот (unit-link) полисирана е бруто премија од 65.530.000 денари.

Бруто исплатената штета изнесува 2.438.719.000 денари. Вкупно на полиси од неживотно осигурување исплатени се 2.274.400.000 денари, а најмногу БИШ е регистрирана кај Триглав 422.925.000 денари. Во секторот живот исплатена е бруто штета од 163.921.000 денари, а најмногу исплатил Граве 75.985.000 денари. Вкупниот број на ликвидирани штети изнесува 41.433. Уника Лајф е единствената компанија која немала судски спор како резултат на нерешени штети.  Кроација живот и Граве имаат 4 судски процеси, додека Винер Лајф има два. Судските разрешници на спорови околу отштета се покарактеристични за неживтонто осигурување. Од тука и не чуди тоа што нема компанија од овој сектор со помалку од 100 судски процеси.

Сите компании располагаат со капитал кој гарантира сигурно работење и е далеку над границата на солвентност.  Кај повеќето компании капиталот е три пати поголем од маргината на солвентност, а кај некои оди и преку 10 пати (Уника Лајф 13,61, Осигурување Македонија 10,4).

Словенија: Раст на пазарот од 6,6% во првите три квартала

Словенечките осигурувачи оствариле за 6,6% поголема БПП во првите три квартали од годината, споредено ос истиот период минатата година. Полисирана е вкупно €1,67 милијарди бруто премија, од кое €486 милиони отпаѓаат на животното осигурување (10,1% раст во однос на 2016 година) и €1,18 милијарди на неживтно осигурување (раст од 5,2% во однос на 2016 година).

Зголемени се и бројките на бруто исплатената штета за 9,8% и таа достигнува €1,1 милијарда.

На пазарот на животно осигурување водечки компании се Триглав, Сава и Модра, кои држат 52,5% од пазарот. И кај неживотното осигурување водечки се Триглав (29% удел) и Сава (19%), следени од Взајемна (17,8%) и Адриатик Словеница (15,7%).

Животното осигурување со раст на БПП од 14,88%

Националното биро за осигурување неодамна ги објави „Поважни показатели од статиситчките извештаи во третиот квартал 2017 година“. Од презентираните податоци може да се види дека вкупната БПП за првите три квартали изнесува 6,8 милијарди денари, што е раст од 2,66% во однос на истиот период лани. Гледано по сектори, неживотното осигурување бележи раст на БПП од 0,92% и на крајот од септември изнесува 5,85 милијарди. На полисите за животно осигурување полисирана е бруто премија од 0,95 милијарди, што е за 14,88% повеќе во однос на првите три тромесечија од 2016 година.

Компаниите во овие три квартали исплатиле за 7,1% помалку бруто штета. Осигурителните компании кои нудат полиси за неживотно осигурување исплатиле 2,27 милијарди денари, што е 8,38% помалку во однос на минатогодишните први три квартали. Преку полиси за животно осигурување исплатена е бруто штета за 15,28% повеќе споредено со истиот период од минатата година, вкупно 0,16 милијарди денари.

Помеѓу друштвата за неживотно осигурување водечка компанија според уделот на пазарот и понатаму е Триглав осигурување со 17,54% (2016: 17,52%), пред Осигурување Македонија со 11,97% (2016: 12,98%) и Еуролинк со 11,63% (2016: 11,13%). И кај четирите компании кои нудат полиси за животно осигурување нема промена во рангирањето според застапеноста на пазарот. Кроација останува водечка и заедно со Винер и Уника имаат минимален раст во уделот, за сметка на Граве кој губи речиси 2% од пазарот.

На полисите за осигуравење од АО има полисирана е за 5,24% поголема бруто премија, но исто така е исплатена и за 13,78% поголема бруто штета. Осигурувањето на имот, како второ најголемо осигурување соиред БПП, има тенденција на опаѓање и кај бруто полисираната премија (-10,01%) и кај исплатената штета (-2,83%).

Кај сите компании се забележува варијација на техничките резерви. Најголем раст од 22,31% има кај Еуросиг, додека најмногу се намалени на Винер (-6,42%).

И во третиот квартал продолжува овогодинешната тенденција да се зголемува бројот на полиси склучени преку канали за директна продажба. На крајот од септември 56,62% од полисите се склучени преку овој канал (2016: 5008%). Овој раст е најмногу за сметка на застапниците во осигурување и друштвата за застапување каде намалувањето е 6,54% и 0,92% соодветно.

A.M. Бест ги потврди високите оцени за Сава Ре и Заваровалница Триглав

A.M. Бест, агенција за оценување на финансиска моќ и кредитен рејтинг, ја потврди својата претходна оцена А- (Одличен) за финансиската моќ и а- (Одличен) за кредитниот рејтинг за словенечката Сава Ре. Потврдената оцена се должи на добриот баланс на трошоците и приходите, како и соодветната капитализација според ризикот. Од агенцијата, инвестициското портфолио на Сава Ре го оценуваат како разноврсно и конзервативно, што исто така влијае на потврдата на оцената. Претпазливоста во пристапот на пазарите и мудрото управување со резервите се уште еден аргумент за компанијата да ги добие двете високи оцени од агенцијата. Од агенцијата очекуваат Сава Ре да има пристоен раст на премијата во 2017 година, имајќи ги предвид предизвикувачките макроекономски услови во Словенија и големата конкурентност на реосигурителните пазари надвор од Словенија.

A.M. Бест ги објави оценките и за Заваровалница Триглав. И кај оваа компанија е потврдена претходната оцена А (Одличен) за финансиската моќ и а (Одличен) за кредитниот рејтинг. Високите оцени на ова друштво се темелат на големата финансиска моќ на Триглав, одличното работење во последните пет години, како и на доброто управување со ризици. Агенцијата утврдила дека групацијата е добро капитализирана, мудро управува со резервите и дека имаат висок степен на финансиска флексибилност. Во извештајот на агенцијата позитивно се оценува подобрувањето на работењето на компанијата надвор од словенечкиот пазар, каде успева продажбата да ја оствари преку поевтини канали на дистрибуција.

Триглав осигурување со раст на добивката од 24% во првите три квартали

Триглав осигурување преку Македонска берза го објави својот неревидиран баланс на работење за првите три квартала од годината. Осигурителното друштво во првите девет месеци остварило добивка по оданочување во висина од 73,4 милиони денари. Ова претставува раст од 24% во однос на истиот период лани.

Приходите од работењето на крајот од септември изнесувале 904 милиони денари, што е минимално намалување во однос на ланските 907 милиони на крајот од деветтиот месец. Во прилог на позитивното работење на компанијата одат и намалените расходи, кои оваа година изнесуваат 830,6 милиони денари, додека лани за истиот период Триглав имал расходи од 847,8 милиони денари.

Компанијата полисирала вкупно 1,026 милијарди бруто премија, што е минимално зголемување во однос на минотогодишната БПП од првите девет месеци во висина од 1,016 милијарди денари. Пораст има и кај бруто исплатените штети. Во периодот од јануари до крајот на септември, компанијата исплатила вкупно 422,9 милиони денари, додека за истиот период лани оваа бројка изнесувала 361,7 милиони денари.

Триглав неодамна основаше и втора своја осигурителна компанија во Македонија со која ќе се вклучи на пазарот на животното осигурување.

 

Пазарот за осигурување на живот во Македонија побогат за уште една компанија

Иако се работи за релативно мал пазар, неговото созревањето и континуираниот двоцифрен раст, македонскиот пазар за животно осигурување станува сѐ попримамлив за компаниите. На „староседелците“, Уника, Кроација, Граве и Винер, од први ноември им се приклучи уште една компанија, Триглав Осигурување Живот А.Д.

Во продолжение во целост може да ја прочитате објавата на Македонска берза, преку која се информира јавноста за почетокот на работата на новото друштво за осигурување:

„По пензиското осигурување во Босна и Херцеговина, Групација Триглав отвора нова компанија за осигурување на живот во Македонија

По овогодинешниот влез на пазарот за пензиско осигурување во Босна и Херцеговина, Групацијата Триглав во Македонија започнува со работа во сегментот осигурување на живот, со отворање на нова компанија, Триглав Осигурување Живот АД, Скопје. Водечката финансиско-осигурителна групација во овој дел од Европа е присутна на македонскиот пазар од 2007-ма година и ја има лидерската позиција во доменот на неживотно осигурување, со удел на пазарот од 18%. Зацврстувањето на позицијата во регионот и фокусот на развивање на осигурување на живот, здравствено и пензиско осигурување на пазарите каде што Групацијата е присутна, се во согласност со стратешките планови до 2020 година.

Групацијата Триглав, на почетокот на ноември оваа година, во Македонија, влегува на пазарот за осигурување на живот. Брендот Триглав во Македoнија е присутен од 2007-ма година, во секторот на неживотно осигурување, каде што ја има водечката позиција на пазарот, со удел од 18%. Групацијата го проширува работењето и во сегментот на осигурување на живот, каде што гледа потенцијал за раст поради ниската пенетрација на овој вид на осигурување. Дополнително, се очекуваат предизвици согласно условите на пазарот, бидејќи овој осигурителен сегмент е тесно поврзан со социо-економската ситуација во земјата. Во моментов, во прилично конкурентни услови на пазарот, оперираат четири компании за осигурување на живот. Групацијата Триглав ќе настапи на пазарот со своите конкурентски предности, особено со својот силен, доверлив и висококвалитетен производ и соодветна експертиза. Групацијата ќе оперира во овој сегмент од осигурителниот пазар преку новата осигурителна компанија Триглав Осигурување Живот АД, Скопје, во согласност со локалната легислатива. Согласно стратегијата на Групацијата Триглав за периодот 2017-2020, водечката регионална осигурително-финансиска групација, ги одреди насоките за своите операции, во чијшто фокус се двата столба на Групацијата: осигурување и управување со средства. Како што беше најавено, во контекст на нејзините осигурителни операции, Групацијата Триглав планира да продолжи да ги развива пазарите и примарно да инвестира во сегментите на осигурување кај кои што се очекуваат високи стапки на раст, кои што ги вклучуваат сегментот на осигурување на живот, како и здравственото и пензиското осигурување.“

АСО: Резултати од работењето на брокерските и друштвата за застапување заклучно со вториот квартал

Заклучно со вториот квартал, единаесетте друштва за застапување и трите банки со овластени за банкоосигурување, направиле вкупно 75.672 договора за неживотно и 5.518 договори за животно осигурување. Помеѓу застапниците најмногу договори (17.380) се направени преку Актива, од кои само три се за животно осигурување. На второ место се Тренд МР со 15.928 (7 животно осигурување) и Реа Иншуранс груп со 8.145 продадени полиси. Најмногу договори за животно осигурување се склучени преку застапничката куќа Сафе Лифе (436), селдена од Фемили партнер (136) и Лајф Визион (105). Најуспешна банка според бројот на продадени полиси е НЛБ Тутунска. Зад името на Охридска банка и во вториот квартал нема регистрирано продадена полиса. Врз основа на вториот критериум за рангирање, БПП, претходното рангирање нема да претрпретрпи значителни измени. Најголема БПП носат полисите направени преку Актива и Тренд МР. Застапничките друптва и банките, најмногу договори за неживотно осигурување направиле преку Осигурување Македонија, а за животно осигурување преку Кроација Живот.

Кај брокерските друштва, најмногу полиси се направени преку Седа Брокер, вкупно 24.276, сите во неживотно осигурување. Петцифрен број на договори, 17.513, се склучени преку посредништво на само уште едно брокерско друштво, Мобилити. Најблиску до нив е СН Осигурителен Брокер со 8.755 полиси. Помеѓу брокерските друштва едиснтвено ВФП работи активно и на пазарот за животно осигурување, завршувајќи го вториот квартал со вкупно 7.639 договори, од кои 1571 се полиси за животно осигурување. Токму овие договори го прават брокерско друштво со најголема БПП, пред Седа и СН Осигурителен Брокер. Брокерите најчесто нуделе полиси за неживотно осигурување на Триглав осигурување, 21.180, пред Кроација неживот (13.485) и Евроинс 12.673. ВФП најмногу договори за животно осигурување склучиле преку Винер лајф.

Податоците се преземени од страната на АСО.

SEENEWS: Заваровалница Триглав е водечка осигурителна компанија во Југоисточна Европа

„Осигурителната индустрија во земјите од Југоисточна Европа (земјите од поранешна Југославија, Бугарија, Романија, Албанија и Молдавија)  остануваат еластични на притисокот кој произлегува од постојаните ниски каматни стапки, финансиската непостојаност на пазарите, строгите побарувања од регулативите и домграфските промени.“ Ова се наведува во годинешниот извештај на стоте најуспешни компании во земјите до Југоисточна Европа издаден од реномираниот портал seenews.com.

Не само што осигурителните компании одлично се справуваат со предизвиците кои ги носат пазарите и финансиското опкружување, туку стоте најголеми осигурувачи од овој регион,  2016 година ја завршиле со најголема вкупна бруто полисирана премија (БПП ) од 7,2 милијарди (2016: 6,77 милијарди) и најголема вкупна заработка. Процентот на раст на БПП е најголем во последните осум години (6,3%), додека профитот е зголемен за 56% од 365 милиони (2015: 234 милиони). Растот на профитот е проследен со податок дека 89 компании работеле со профит.

Осигурителниот пазар во Романија и Србија забележа двоцифрен раст на растот на премиите и значително подобрување на профитот, додека во Албанија беа забележани натпросечни резултати. Романија е и најголем осигурителен пазар и осигурителните компании од оваа земја се главно концентрирани на домашниот пазар за разлика од вториот по големина, словенечкиот, каде компаниите имаат свои испостави во речиси сите земји од поранешна Југославија. На третото место според годинешниот извештај е Хрватска.

Заваровалница Триглав останува на првото место и во 2016 година со премии и профит далеку пред останатите осигрувачи предводени од Заваровалница Сава. Вториот словенечки осигурувач, иако има намалување на профитот за 16%, сепак  напредуваше три позиции поради растот на БПП за 1,5%. Ова е десетта година по ред како листата е предводена од словенечки осигурувач. Третото место припаѓа на Кроација осигурување, која го изгуби второто место проади падот на БПП за 1,1%. Најголем скок оствари бугарскиот осигурувач Дал Бог Живот и Здраве, кој се искачи за 44 места на 48 позиција. Најголемиот губитник исто така доаѓа од Бугарија, ДЗИ Лајф Иншуранс, чие овогодишно рангирање е за 24 места полошо во однос на ланското.

Од македонските осигурувачи најдобро рангиран е Триглав осигурување на 71 позиција (2016:72 позиција), пред Осигурување Македонија (2017: 82, 2016: 86) и Еуролинк (2017: 88, 2016: 89).

S & P Global Ratings го потврди кредитниот рејтинг А на Триглав Групација

S & P Global Ratings, рејтинг агенција, го потврди кредитниот рејтинг и ја оцени финансиската моќ со „А“  на Триглав групацијата, а со тоа и матичната компанија Заваровалница Триглав и нејзината ќеркинска компанија Тиглав Ре. Кредитните оцени имаат стабилна среднорочна прогноза.

Во објавениот извештај на агенцијата, се проценува дека профилот на ризикот на работење на Групацијата е солиден. При оформување рејтингот земено е предвид силната позиција на Групацијата на пазарот во Словенија, како и во регионот. Профилот на финансискиот ризик е оценет како доста силен. Според проценката на агенцијата, адекватноста на капиталот е стабилна. Извештајот потврдува дека Групацијата има реосигурителна заштита која соодветствува на изложеноста на ризик.

Групацијата ја задржува профитабилноста на работењето и е насочена на два вида работење: осигурување и управување со недвижности. Позитивно е оценета стратешката значење и развојот на активностите околу управување со недвижности. Агенцијата со извештајот дава поддршка на дигитализацијата, развојот на новите производи и продажните канали, кои веќе од страна на S & P се оценети како позитивни.

Кредитниот рејтинг е направен исклучиво врз основа на работењето на Групацијата и на него нема никакво влијание поврзаноста на Групациајта со државата. Стабилниот среднорочен кредитен рејтинг значи дека агенцијата очекува Триглав Групација да продолжи успешно да ја спроведува својата стратегија со акцент на профитабилноста, растот и одржувањето на високата адекватност на капиталот во следните две години.

 

Триглав Осигурување А.Д. со нов извршен директор

Одборот на директори на Триглав Осигурување АД, Скопје на својата 133-та седница, одржана на 29.08.2017 година, го назначи г. Рок Пивк за втор извршен директор на компанијата, со мандат од четири години.

Оваа одлука следеше откако Одборот на директори на Триглав Осигурување АД, Скопје на својата 131 седница, одржана на 21.06.2017-та година, го назначи г-дин Пивк за извршен член на Одборот на директори. Одлуката влезе во сила на денот на донесувањето, а се применува од 08.08.2017-та година, кога Агенцијата за супервизија на осигурување даде согласност за именување на г-дин Пивк за член на орган на управување во Триглав Осигурување.

Г-динот Рок Пивк доаѓа од Заваровалница Триглав д.д. Љубљана, од позицијата извршен директор за финансии. Својата професионална кариера ја гради како експерт за финансии во јавниот и во приватниот сектор во Република Словенија и тоа во Централната банка на Република Словенија и во Заваровалница Триглав д.д. Љубљана.

Функцијата главен извршен директор на компанијата и понатаму продолжува да ја врши г-дин Ѓорѓе Војновиќ, додека г-ѓа Сања Танчевска ќе ја врши функцијата прв извршен директор на компанијата.

Текстот е преземент од објавата на Македонска берза.