Дали Амазон влегува на осигурителниот пазар?

Шпекулациите за влезот на Амазон на осигурителниот пазар полека стануваат реалност. Иако овој гигант и до сега нудеше одредени облици на дигитални услуги поврзани со осигурувањето на продуктите кои се испорачуваат, сепак не се сметаше за активен играч. Додека дел од упатените во оваа тема погледите ги насочуваа кон Алекса, гласовниот асистент, и неговата можност да се надгради и да пребарува осигурителни покритија од различни понудувачи, Тајмс оф Индија веќе ја објави првата инвестиција на Амазон во Ацко, индиска осигурително-техничка компанија. Индискиот весник објавува дека индискиот стартап Ацко, со последната рунда на финансирање, ќе има на располагање нови 16 милиони, кои се претпоставува дека потекнуваат од Амазон. На овој начин Амазон ќе добие можност да учествува во креирањето на продуктите и да ги дистрибуира преку нивната веб страна. Ацко во моментов нуди само осигурување на возила и се рекламира како „осигурителна компанија од новото време“ која ќе го „редефинира светот на осигурувањето“.

Во исто време оснивачот на Лемонад, Шај Винингер, излезе со обвинувања дека Амазон се обидува да привлече голем дел од неговите вработени. Винингер јавно побара објаснување од Амазон за нивните активности и влијанието кое тие го прават на стартап бизнисите.

Масло на оганот околу сите шпекулации претставуваше огласот на Амазон за вработување на менаџер за продукти во осигурувањето.

Србија: Во третиот квартал забележан раст од 6,3%

Според извештајот на Народната банка на Србија, третиот квартал донесе раст на БПП на српскиот осигурителен пазар од 6,3% споредено со истиот период лани. Речиси половина од вкупните €594,1 милиони премија, се полисирани на полиса за АО.

Животното осигурување постигна раст од само 3% остварувајќи БПП од €133,6 милиони. Кај неживотното осигурување најголем удел, покрај осигурувањето од АО, има осигурувањето на имот.

Државниот осигурувач Дунав и понатаму е водечка компанија со удел од 27% од БПП на пазарот. Џенерали Осигурање и ДДОР ја комплетираат водечката тројка со удел од 21% и 12,14% соодветно.

Алианц купува три компании на ЕРГО, дел од Минхен Ре

ЕРГО Груп, дел од германски Минхен Ре, се договори да ги продаде своите подружници ДАС Швајцарија, ДАС Лукембург и ДАС Словечка на Алианц Груп. Вкупниот приход од премии на трите компании кои се предмет на продажба, во 2016 година, изнесувал €38 милиони. ДАС Швајцарија е најголемата од овие три компании и со приходи од премија во висина од околу €30 милиони е рангирана на седмото место според удел на швајцарскиот осигурителен пазар. Во 2016 година, ДАС Словачка, со удел од 85,1% беше водечка компанија на тамошниот осигурителен пазар во сегментот на правно осигурување, додека ДАС Луксембруг со удел од 18,2% бил на втората позиција истата година.

Транскацијата сѐ уште не е одобрена од регулаторното тело. Интересот на Минхен Ре да ја зајакне својата позиција во сегментот на осигурување на правна заштита во Швајцарија се должи на атрактивноста на овој пазар кој во 2016 година донесе раст од 5,3% премија од 550 милиони швајцарски франци.

Двете страни се договорени да не ги откриваат финансиските детали од трансакцијата.

Цирих со екслузивно партнерство со Изиџет

Швајцарскиот осигурувач Цирих Иншуранс постигна договор со британскиот авиопревозник Изиџет за екслузивност во понудата на осигурувањето поврзано со летовите на оваа компанија. Со екслузивноста Цирих добива можност да ги дефинира продуктите и цените на полисите кои ќе се понудат преку авиокомпанијата.

Колнсон Груп е исто така дел од овој договор. Оваа компанија ќе треба да понуди асистенција на клиентите, а исто така ќе биде задолжена за услужување на клиентите како и за прифаќање на побарувања за штета. Клиентите ќе имаат можност да купат патничко осигурување и кое не е поврзано со летовите на Изиџет.

„Ние веруваме дека иднината на осигурувањето во клучните сегменти, како што е патничкото, е базирана на квалитетни партнерства какво што ние склучивме“, изјави Арслан Ханини, директор за маркетинг менаџмент во Цирих Велика Британија. „Партнерување со познат и почитуван бренд како Изиџет создава одлучни можности да се понуди осигурување на нивниот широк круг на клиенти“.

Државата го зголемува уделот во Сава Ре

Сава Ре објави дека на предлог на Владата на Република Словенија, Словенечкиот државен холдинг (СДХ) без надокнада пренел во државна сопственост 1.261.034 акции од оваа компанија. Бројот на акции кои се во сопственост на СДХ пред преносот изнесуваше 4.304.917 и претставуваше 25% (+1 акција) од вкупниот број на акции, т.е. 27,78% од акциите со право на глас. По преносот СДХ располага со 17,68% од сите акции, т.е. 19,64% од акциите со право на глас.

Од друга страна Република Словенија сега поседува 10,09% од сите акции на Сава Ре, т.е. 11,21% од акциите кои се со право на глас.

Еуроинс го зголеми својот удел во Синтетика

Од Синтетика, холдинг компанија со седиште во Софија, соопштија дека Еуроинс го зголемил учеството во компанијата на 13,63%. Основна дејност на Синтетика е уптевување со индустриски компании, но исто така се занимава и со консултантски услуги, посредување, тргување и т.н. По последната извршена трансакција, Еуроинс располага со 215,038 акции. Ова е втор пат во последните четири месеци Еуроинс да купува акции од Синтетика, откако во октомври минатата година го покачи својот удел на 7,01%.

На крајот од 2017 година, вредноста на акциите на Синтетика изнесуваше 21,5.

Минхен Ре: Природните катастрофи во 2017 донеле штета од $135 милијарди

Минхен Ре објави проценка според која трите урагани, земјотресите во Мексико, поплавите во Азија и останатите природни катастрофи во 2017 година ја чинеле осигурителната индустрија рекордни $135 милијарди. Во однос на претходно регистрираните „најскапи“ години, 2005 и 2011, во 2017 година е забележана 8% поголема штета од природни катастрофи. Оваа бројка е речиси три пати поголема од просекот бележен во последните 10 години, кој изнесува $49 милијарди.

Германската реосигурителна компанија проценува дека околу 10.000 луѓе загинале во природните кататрсофи. Околу четвртина од нив се жртви на монсуните во јужниот дел од Азија. „Иако поединечните настани не може да се окфалификуваат како резултат на климатските промени, нашите експерти очекуваат вакво екстремно време да се појавува уште почесто во иднина“, вели Торстен Јеворек, член на бордот директори во Минхен Ре, одговорен за светскиот реосигурителен бизнис на компанијата. „Некои од катастрофалните настани, како серијата од три екстремно деструктивни урагани, или многу честите поплави по невообичаено силните монсунски дождови во јужна Азија, ни даваат предзнак на тоа што се очекува во иднина“, додава Јеровек.

Вкупната штета од $310 милијарди, вклучително и неосигураната штета, ја става на втора позиција во ранг листата на години со најголема штета гледајќи десет години наназад. „Продолжува да има голема разлика во осигураните и неосигураните штети, дури и на високо развиените пазари, како што е САД, каде на пример, поголемиот број домаќинства и мали бизниси не поседуваат осигурување од поплави“, вели Тони Кучински, претседател и извршен директор на Минхен Ре во САД.