Животното осигурување со раст на БПП од 14,88%

Националното биро за осигурување неодамна ги објави „Поважни показатели од статиситчките извештаи во третиот квартал 2017 година“. Од презентираните податоци може да се види дека вкупната БПП за првите три квартали изнесува 6,8 милијарди денари, што е раст од 2,66% во однос на истиот период лани. Гледано по сектори, неживотното осигурување бележи раст на БПП од 0,92% и на крајот од септември изнесува 5,85 милијарди. На полисите за животно осигурување полисирана е бруто премија од 0,95 милијарди, што е за 14,88% повеќе во однос на првите три тромесечија од 2016 година.

Компаниите во овие три квартали исплатиле за 7,1% помалку бруто штета. Осигурителните компании кои нудат полиси за неживотно осигурување исплатиле 2,27 милијарди денари, што е 8,38% помалку во однос на минатогодишните први три квартали. Преку полиси за животно осигурување исплатена е бруто штета за 15,28% повеќе споредено со истиот период од минатата година, вкупно 0,16 милијарди денари.

Помеѓу друштвата за неживотно осигурување водечка компанија според уделот на пазарот и понатаму е Триглав осигурување со 17,54% (2016: 17,52%), пред Осигурување Македонија со 11,97% (2016: 12,98%) и Еуролинк со 11,63% (2016: 11,13%). И кај четирите компании кои нудат полиси за животно осигурување нема промена во рангирањето според застапеноста на пазарот. Кроација останува водечка и заедно со Винер и Уника имаат минимален раст во уделот, за сметка на Граве кој губи речиси 2% од пазарот.

На полисите за осигуравење од АО има полисирана е за 5,24% поголема бруто премија, но исто така е исплатена и за 13,78% поголема бруто штета. Осигурувањето на имот, како второ најголемо осигурување соиред БПП, има тенденција на опаѓање и кај бруто полисираната премија (-10,01%) и кај исплатената штета (-2,83%).

Кај сите компании се забележува варијација на техничките резерви. Најголем раст од 22,31% има кај Еуросиг, додека најмногу се намалени на Винер (-6,42%).

И во третиот квартал продолжува овогодинешната тенденција да се зголемува бројот на полиси склучени преку канали за директна продажба. На крајот од септември 56,62% од полисите се склучени преку овој канал (2016: 5008%). Овој раст е најмногу за сметка на застапниците во осигурување и друштвата за застапување каде намалувањето е 6,54% и 0,92% соодветно.

Србија: МВР одбива да објави каде и на која сума се осигурани вработените

Како што јавува српскиот деневен весник „Данас“, Министерството за внатрешни работи на Србија, повеќе од половина година одбива на Полицискиот синдикат на Србија (ПСС) да им ги достави полисите за осигурување на вработените, службените возила, опремата, објектите и животните.

На одлуката на МВР не влијаело ни решението на Комесарот за информации од јавно значење, со кое се наложува на министерството да ги достави бараните информации.

Претседателот на ПСС, Вељко Мијалович, во својот коментар за целата ситуација вели: „Не е логично некој вработен да е осигуран, а да не знае ни каде, ни од што, ни во кое време.“ Мијалович им дал рок од пет дена на МВР, но од таму не добиле одговор ни по две седмици. „Се претпоставува дека Комесарот ќе изрече парична казна за министерството, меѓутоа ни тоа нема да ги примора да ја променат одлуката. Казните на МВР на крај ќе ги плати народот од буџет“, изјавува Мијалович додавајќи дека поинаку би било кога казните би ги плаќале раководителите.

Претседателот на ПСС претпоставува дека целата оваа ситуација се должи на стравот на раководните лица од реакција на вработените кога ќе дознаат колку тие ги вреднуваат животите на полицајците. Официјалното образложение на министерството за скривање на овие информации е дека тоа се тајни податоци кои не можат да се споделат.

A.M. Бест ги потврди високите оцени за Сава Ре и Заваровалница Триглав

A.M. Бест, агенција за оценување на финансиска моќ и кредитен рејтинг, ја потврди својата претходна оцена А- (Одличен) за финансиската моќ и а- (Одличен) за кредитниот рејтинг за словенечката Сава Ре. Потврдената оцена се должи на добриот баланс на трошоците и приходите, како и соодветната капитализација според ризикот. Од агенцијата, инвестициското портфолио на Сава Ре го оценуваат како разноврсно и конзервативно, што исто така влијае на потврдата на оцената. Претпазливоста во пристапот на пазарите и мудрото управување со резервите се уште еден аргумент за компанијата да ги добие двете високи оцени од агенцијата. Од агенцијата очекуваат Сава Ре да има пристоен раст на премијата во 2017 година, имајќи ги предвид предизвикувачките макроекономски услови во Словенија и големата конкурентност на реосигурителните пазари надвор од Словенија.

A.M. Бест ги објави оценките и за Заваровалница Триглав. И кај оваа компанија е потврдена претходната оцена А (Одличен) за финансиската моќ и а (Одличен) за кредитниот рејтинг. Високите оцени на ова друштво се темелат на големата финансиска моќ на Триглав, одличното работење во последните пет години, како и на доброто управување со ризици. Агенцијата утврдила дека групацијата е добро капитализирана, мудро управува со резервите и дека имаат висок степен на финансиска флексибилност. Во извештајот на агенцијата позитивно се оценува подобрувањето на работењето на компанијата надвор од словенечкиот пазар, каде успева продажбата да ја оствари преку поевтини канали на дистрибуција.

Кроација осигурање: Раст на БПП и профитот на крајот од третиот квартал

Кроација осигурање третиот квартал го заврши со 17% зголемен профит од €29,44 милиони и 3% зголемена БПП од €336,1 милиони. Комбинираниот размер, соодносот помеѓу збирот на штетите и трошоците со премиите, е подобрен за речиси 2% и на крајот од септември тој изнесува 97%.

Според соопштението издадено на компанијата ова се должи на добро спроведената реорганизација. Во тие рамки, во текот на овој квартал беше комплетирано и припојувањето на Кроација здраствено осигурање и Кардиф осигурање кон групацијата.

Од компанијата истакнуваат дека посебно се горди на лидерската позиција на домашниот пазар, каде во делот на неживотното осигурување со удел од 35,3% се убедливо пред сите останати компании. Лидерската позиција е задржана и на пазарот за животно осигурување во Хрватска, со удел од 18,4%. Вкупната БПП од овој пазар изнесува €282,3 милиони.

Косово: Осигурителниот пазар продолжува да бележи позитивни резултати и во третиот квартал

Осигурителните компании третиот квартал од годината го завршија со вкупен профит од €3,2 милиони. Ова е драстично подобрување споредено со минатогодишниот септември, кога на крајот од месецот имаа загуба од €12,1 милиони.

БПП на овој пазар достигнува €65,9 милиони и е за €1,4 милиони поголема во однос на истиот период лани. Целиот раст доаѓа од секторот на неживот каде се полисирани €64 милиони, додека секторот на животно осигурување го повторил резултатот од ланските три квартала со полисирана бруто премија од €1,9 милиони. Зголемена и бруто исплатената штета, која во првите три томесечија изнесува €32,4 милиони (2016: €26,4 милиони).

Активата на компаниите е зголемена од €166 милиони, на €173,1 милионии.

Македонија: Уника Лајф со 16% зголемена БПП во првите три квартали

Австриската групација Уника го објави извештајот за работењето на крајот од третиот квартал. На ниво на групација остварени се €181,4 милиони добивка пред оданочување, што претставува подобрување од 21,8% во однос на истиот период лани. Поради активирање на клаузула на основ на банкрот на една од компаниите кои беа продадени при излезот на групацијата од италијанскиот осигурителен пазар, нето добивката е намалена за 23,1% и изнесува €114,1 милиони. Вкупната БПП е зголемена за 6,1% и растот се бележи во сите три сектори: неживот (5,7%), живот (8,3%) и доброволно здраствено и патничко осигурување (3,7%).

Групацијата во Македонија остварила профит пред оданочување од €300.000, што е намалување во однос на €500.000 остварени за истиот период лани. БПП кај полисите за неживотно осигурување изнесува €9.7 милиони и е намалување за 1% во однос на првите девет месеци од 2016 година. Идентичен пад има и кај полисите за доброволно здраствено осигурување и патничкото осигурување. Светла точка претставува секторот на животно осигурување кое третиот квартал го завршува со раст на БПП од 16% достигнувајќи €900.000.

Растот на косовскиот осигурителен пазар се воочува и во бројките на Уника. Минатогодишната загуба од €800.000 на крајот од третиот квартал, оваа година е претворена во добивка од €800.000, иако вкупната БПП е намалена за 15% и изнесува €7,8 милиони. Падот на премијата е во сите три сектори, најмногу кај доброволното здраствено и патничко осигурување 32%, животното 17% и неживотното осигурување 9%.

И во соседна Албанија групацијата работи со добивка пред оданочување (€1,8 милиони) иако бележи голем пад на истата (€3,9 милиони) во однос на првите три квартала од миантата година. Вкупната БПП на овој пазар изнесува €26,9 милиони и е зголемена за 13% во однос на истиот период лани. Полисите за неживотно осигурување донеле €21,3 милиони (12% раст во однос на 2016 година), животното осигурување €4,2 милиони (30%) и добороволното здраствено и патничко осигурување €1,5 милиони (-9%).

Пад на добивката од €100.000 пред оданочување е пресметана во Србија и на крајот од септември таа изнесува €1,0 милион. Вкупната БПП е зголемена за 2% достигнувајќи €32,8 милиони, од кои €19,2 милиони отпаѓаат на секторот неживот (6% раст во однос на 2016), €10,4 милиони на секторот живот (-4%) и €3,2 милиони (-1%) на секторот за доброволно здраствено и патничко.

Во соседството Уника е присутна и на бугарскиот пазар каде првите три квартали ги заврши со добивка од €1,1 милиони (2016: €500.000). БПП е во пораст од 16% и на крајот од септември достигнува €48,8 милиони. Раст е постигнат и кај полисите за неживотно осигурување (6%, €21,2 милиони) и кај животното осигурување (8%, €24 милиони).

Од земјите од поранешна Југославија, Уника традиционално најдобри резултати постигнува на Хрватскиот осигурителен пазар, каде и покрај намалувањето од €1,6 милиони, добивката пред оданочување од €3,4 милиони е најголема од сите осигурителни пазари во регионот. БПП на овој пазар е намалена за 4% и достигнува €55,4 милиони. Неживотното осигурување полисирало 1% повеќе премија споредено со истиот период лани (€30,2 милиони), додека кај животното осигурување забележан е пад од 18% (€19,4 милиони), додека премијата на полисите за доброволно здраствено и патничко осигурување имаат скок од 51% (€5,8 милиони).

На пазарот во Црна Гора компанијата минатогодишната загуба во првите девет месеци од €100.000 ја преточи во добивка од €100.000 на крајот од септември оваа година. Вкупната БПП е намалена за 2,7% на €8,8 милиони, од кои €7,0 милиони се на полиси за неживотно осигурување (-5%), додека €1,4 милиони се на животно осигурување (+5%).

Пазарот во БиХ на групацијата и носи профит од €700.000, €200.000 повеќе од лани. Вкупната БПП е намалена за 2% и изнесува €21,7 милиони. €9,8 милиони отпаѓаат на секторот неживот (-2%), додека €12 милиони (-1%) се полисирани преку полиси за животно осигурување.

КД Груп го продава осигурителното портфолио

Словенечкиот финансиски холдинг КД Груп, преку Љубљанска берза, издаде соопштение во кое се наведува дека менаџментот на групацијата ја ангажирала ЛАЗАРД како консултантска компанија со цел пронаоѓање на инвеститот кој би откупил мнозинство од акциите на осигурителното друштво Адриатик Словеника, кое е во целосна сопственост на групацијата.
Оваа осигурителна компанија е трета компанија според БПП на словенечкиот пазар. Според официјалните извештаи од Словенечката асицијација на осигурувачи, Адриатик Словеника првата половина од годината ја заврши со €161,9 милиони, што претставува пазарен удел од 13,9%. €33,9 милиони од вкупната БПП се акумулирани преку полиси за животно осигурување, додека останатите €128 милиони се полисирани во секторот неживот.
Адриатик Словеника е настаната со фузијата на осигурувачот Словеника (основан 1992 година и во сопственост на КД Холдин од 1996 година) и осигурувачот Адриатик (основан 1990 година, откупен од КД во 1999 година).
Адриатик Словеника 2016 година ја заврши со 1140 вработени, учество на пазарот од 15,1%, БПП од €303,5 милиони, БИШ €218,7 милиони, вредност на акциите €42,99 милиони и профит пред оданочување €11 милиони.

Триглав осигурување со раст на добивката од 24% во првите три квартали

Триглав осигурување преку Македонска берза го објави својот неревидиран баланс на работење за првите три квартала од годината. Осигурителното друштво во првите девет месеци остварило добивка по оданочување во висина од 73,4 милиони денари. Ова претставува раст од 24% во однос на истиот период лани.

Приходите од работењето на крајот од септември изнесувале 904 милиони денари, што е минимално намалување во однос на ланските 907 милиони на крајот од деветтиот месец. Во прилог на позитивното работење на компанијата одат и намалените расходи, кои оваа година изнесуваат 830,6 милиони денари, додека лани за истиот период Триглав имал расходи од 847,8 милиони денари.

Компанијата полисирала вкупно 1,026 милијарди бруто премија, што е минимално зголемување во однос на минотогодишната БПП од првите девет месеци во висина од 1,016 милијарди денари. Пораст има и кај бруто исплатените штети. Во периодот од јануари до крајот на септември, компанијата исплатила вкупно 422,9 милиони денари, додека за истиот период лани оваа бројка изнесувала 361,7 милиони денари.

Триглав неодамна основаше и втора своја осигурителна компанија во Македонија со која ќе се вклучи на пазарот на животното осигурување.

 

Осигурување Македонија со намалена добивка пред оданочување во првите три квартала

Осигурителната компанија Осигурување Македонија, членка на австриската Виена Иншуренс Груп, преку Македонска го објави неревидираниот биланс на работењето за првите девет месеци од годината. Во продолжение го пренесуваме Коментарот на билансот, во кои се истакнати дел од најважните параметри:

„Осигурување МАКЕДОНИЈА а.д. Скопје – Виена Иншуренс Груп во периодот Јануари-Септември 2017 година оствари добивка пред оданочување во износ од 56,4 милиони денари. Во истиот период 2016 година Друштвото оствари добивка пред оданочување во износ од 87,9 милиони денари.

Приходите од работењето во износ од 603,9 милиони денари бележат намалување од 1,9 % или околу 12 милиони денари во однос на 2016 година. Бруто полисираната премија бележи намалување во однос на истиот период од минатата година од 9% и тоа најмногу во класите на осигурување од незгода и каско осигурување на моторни возила.

Приходите од вложување бележат намалување во однос на 2016 од 6,9% најмногу заради намалените каматни стапки на депозитите, намалениот принос на државните хартии од вредност и 5.7 милиони денари помала капитална добивка во однос на претходната година.

Расходите од работењето во износ од 547,5 милиони денари се за 3,6% повисоки во однос на предходната година. Намалувањата на премијата се најмногу во класите на осигурување кои се со повисок однос на штети во однос на премијата и до крајот на годината сепак очекуваме отстапувањата во однос на планираната добивка да не бидат големи.“

Минхен Ре: Се очекува загуба од €1,4 милијарди на крајот од третиот квартал

По Свис Ре, уште една реосигурителна компанија објави дека на крајот од третиот квартал ќе оствари азгуба. „Според актуелните проценки, кои секогаш вклучуваат голема доза на неизвесност, Минхен Ре очекува осигурани штети од вкупно €2,7 милијарди“, се наведува во извештајот на оваа компанија кој го пренесува БиБиСи. „Ако се земат предвид и трошоците од другите природни катастрофи, посебно земјотресот во Мексико, и штетите предизвикани од човечки фактор, вкупните расходи поврзани со покритието на овие големи штети во третото тромесечие ќе изнесува €3,2 милијарди“.

Иако на крајот од третиот квартал загубата изнесува €1,4 милијарди, сепак од компанијата на крајот од годината очекуваат да бидат во „мала добивка“. Финансовиот директор на оваа германска компанија, Јорг Шнајдер изјавува „Високите загуби од неколкуте природни катастрофи се дел од нашиот бизнис, затоа и ние постоиме. Нашата капитална база останува цврста. Ние ќе продолжиме да нудиме на нашите клиенти реосигурување со целиот капацитет. Покрај тоа, Минхен Ре има доволно капитал за да ги искористи од можностите кои оваа специфична ситуација ги нуди во смисла на раст на профитот.“