Профитот на Lloyd’s под удар од природните катастрофи

Неколкуте големи природни катастрофи како што беа шумскиот пожар во Канада, поплавите во Тексас, земјотресите во Јапонија и Еквадор, оставија траг врз профитот во првата половина од годината на Lloyd’s осигурителниот пазар. Пожарите во Fort McMurray со £400 милиони беа најскап издаток кој Lloyd’s мораше да го покрие. Ова е повеќе од било кој настан кој се случи во првата половина од 2015.

Според John Nelson, претседателот на Lloyd’s, овие катастрофи сепак не се доволни да ги покачат цените, кои непрекинато паѓаат изминатите неколку години. „Во некои сектори има случаи на барем стабилизирање на цените, но во моментов не гледаме дека нешто драстично ќе се промени во пристапот на одредување на цените“.

Соодносот на исплатени побарувања со уплатените премии се покачи од 89% на 98%, штп укажува на тоа дека овој пазар работел со профит само во секторот на осигурување.

Сепак Lloyd’s осигурителниот пазар го зголеми профитот за 22% и за првата половина на 2016 изнесуваше £1.5 милијарди, како резултат најмногу на подобрените резултатите на инвестициите.

Извршниот директор на Lloyd’s, Inga Beale, истакнува дека во моментов нивни најголем проблем е како да се справат со брегзит. Lloyd’s го користи т.н. систем на passporting (право на фирма членка на земја од ЕУ, да има бизнис во друга земја од ЕУ), кој им дава права да настапат на единствениот пазар во рамките на ЕУ. Од Lloyd’s истакнуваат дека работат на план како дел од секторот да го префрлат во земја членка на ЕУ, доколку во преговорите за брегзит, помеѓу Британија и ЕУ, не се најде решение за нарушениот passporting систем на фирмите од Британија.

Lloyd’s, започна со профавање на животно осигурување во кафетеријата на Edward Lloyd’s, далечната 1688 година, сега вдомува 97 конзорциуми на осигурителни компании во своето седиште во Лондон.

БПП на неживотното осигурување е 92,8% од вкупната БПП во Албанија

Албанската агенција за финансиска супервизија (AMF) објави дека во првите 8 месеци вкупниот број на склучени договори изнесува 711.281 и е за 1,05% помал споредено со истиот период лани. Иако се склучени помал број на полиси сепак бруто полисираната премија (БПП) е во пораст од 4.6%.

БПП во неживотното осигурување има прираст од 5,08%, достигнувајќи 8,8 милијарди леки (~ €64.1 милиони). Речиси идентичен процент (5,11), но во пад, бележи животното осигурување. Свеста за потребата од животно осигурување е многу мала, па БПП на полисите за животно осигурување е само 7,2% од вкупната БПП.

Во пораст е и бруто премијата на исплатени побарувања на штети за 36.37%. Според извештајот на AMF водечка компанија во неживотното осигурување е Sigal Uniqa Group Austria со 27,5% удел на пазарот. Помеѓу компаниите кои имаат значителен удел се вбројуваат и Eurosig, Sigma Interalbanian Vienna Insurance Group, Intersig Vienna Insurance Group и Albsig.

Во делот на животното осигурување водечкото место повторно е за Sigal Life Uniqa Group Austria со удел од 68,1%. По неа следат Sicred со 24.6% и Insig со 7,3%.

Животното осигурување во Србија со раст од 21.3% во вториот квартал

45,2 милијарди динари (€366,2 милиони) е висината на бруто полисираната премија (БПП) во вториот квартал во Србија. Според податоците од Народната банка на Србија, неживотното осигурување бележи незначителен пад во уделот на пазарот во однос на вториот квартал од 2015 и сега тој процент е 78%. Генерално пазарот на осигурување бележи раст од 16,9%. Поединечно неживотното осигурување е во пораст од 9,0%, додека животното осигурување исто така бележи раст (21,3%) споредено со истиот период лани.

Разгледувано по типови на осигурување, на осигурувањето од автомобилска одговорност припаѓаат 32,4% од вкупната БПП, домаќинското осигурување има удел од 22%, а каско осигурувањето на возила е со 8%.

Компаниите ги зголемиле техничките резерви за 15,0%. И осигурителните компании кои се занимаваат исклучиво со неживотно осигурување и тие со портфолио само со животно осигурување, во овој период инвестициите ги насочиле претежно во државни хартии од вредност.

На српскиот осигурителен пазар активни се 23 компании, од кои 19 се осигурувачи, а 4 се реосигурувачи. Пет компании се занимаваат исклучиво со животно осигурување, осум исклучиво со неживотно, а останатите на пазарот нудат полиси и од двата типа на осигурување.

Во рангирањето на компаниите според полисирана бруто премија нема промени на првите три позиции. Најголем удел на пазарот има државната компанија Дунав (27,4%), пред Генерали (22,8%) и ДДОР (12,3%). Поединечно кај неживотното осигурување првите три позиции се идентични како и кај вкупното рангирање, додека кај животното осигурување Генерали е прв со удел од 35,2%, пред Винер (19,2%) и Граве (15,1%).

ПИОМ е во опасност со дефицит во буџетот од 452,5 милиони евра

Не помина долго време од последните опомени од Светска банка, поврзани со нашиот Пензискиот систем е во опасност, а веќе стигнуваат нови. Од таму се посочува дека расте притисокот врз Фондот и дека има опасност и на среден и на долг рок. Меѓу причините за ова се и новите вработувања со последните владини мерки, пренесува Алсат-М.

„Практично 89 отсто од ново креирани работни места се со фискален стимул. Имате работни места кои се креираат каде работодавецот е ослободен од плаќање на социјални придонеси и слични давачки“, вели Бојан Шимбов, Светска банка.

Според податоците од јули минатата година до јули годинава имало 21 илјада ново вработени, но 18.700 работни места се стимулирани од Владата.

Фискалната стимулација значи и помали приходи во ПИОМ, а кусокот се пополнува со буџетски пари. Со Буџетот за 2017 оваа сума изнесува 452 милиона евра или фантастични 45 отсто од парите потребни за исплата на тековните пензии.

Ова е само еден дел од денешниот извештај на Светската банка, кој според впечатокот, е невообичаено покритичен од претходните.

Според анализата на Фактор за исплата на пензии следната година во буџетот се планирани 833 милиони евра, што е за 42 милиони евра повеќе од сумата планирана за годинава. Во  предвидениот износ за исплата на пензии за следната година е вкалкулирано и планираното зголемување на пензиите што треба да се исплати со декемвриските пензии.„Во текот на 2017 година 51.214 милиони денари се наменети заисплата на пензии и во истите е вкалкулирано предвиденозголемување на пензиите за 5% во просек почнувајќи одноемвриската пензија, со исплата во декември 2016 година“, стои во предлог Буџетот за догодина.

Буџетската дупка во ПИОМ зголемена за 20 милиони евра

Но, за да ги исплати пензиите во износ од 833 милиони евра на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување догодина ќе му недостасува сума од 452,5 милиони евра. Овој износ, Фондот за ПИОМ ќе го добие од Буџетот на државата.

И годинава се зголемува сумата што му недостасува на Фондот за да може да исплати пензии. Односно, буџетската дупка во Фондот планирана за следната година е за 20 милиони евра поголема од таа што е планирана за годинава.

При тоа, економистите постојано алармираат дека Фондот за пензиско е неодржлив затоа што од година во година му недостасуваат сѐ повеќе пари за да исплати пензии и мора да му бидат префрлени од Буџетот на државата.

Проблемот на државниот пензиски фонд што се провлекува  последните години, а чија суштина е константен дефицит е присутен и во буџетот за 2017 година, при што потребата од трансфери од други нивоа на власт, а тоа е буџетот на државата само се зголемува, вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

„Приходите по основ на придонеси од плати за ПИОМ се повеќе се намалуваат во однос на вкупните расходи на ПИОМ. Тоа покажува дека се намалува учеството на изворните приходи на ПИОМ, објаснува Најдовски.

Анализата на податоците од последните три години покажува дека соодносот на приходите по основ на придонеси од плата во вкупните приходи, во 2015 година изнесувала 56,05%, потоа во 2016 година 54,91%, додека за додгодина ќе изесува 54,61%. А паралелно со тоа се зголемуваат и трансферите од буџетот во ПИОМ.

План за 2015 год. План за 2016 год. План за 2017 год.
1.Вкупни приходи 56.801.672.000  61.540.350.000 63.934.697.000
2.Сопствени извори во кои влегуваат и придонеси 32.963.460.000 34.931.463.000 36.021.020.000
Само придонеси 31.838.710.000 33.796.463.000 34.966.720.000
Учество на придонесите во вкупните приходи 56,05% 54,91% 54,61%
3. Трансфери од буџет 23.838.212.000 26.608.887.000 27.832.577.000
Учество на трансферите во вкупните приходи 41,96% 43.23% 43,53%

„Приходите на ПИОМ кои за 2017 година се предвидуваат на ниво од 63 934 697 година, а кои се во однос на 2016 зголемени за 3.89 % привидно покажуваат смирувачка слика. Зошто привидно  бидејќи за 0.30 % се намалува учеството на приходи од придонеси од плати, односно ако 2016 година се планира  придонесите да учествуваат со 54.91 % сега се планира да учествуваат со 54.61 %, заклучува Најдовски.

ДЗР: Се поголема зависност на Пиом од државниот буџет

Иако и за следната година е планирано да се зголемат приходите на Фондот за ПИОМ, сепак неговата зависност од парите што ги добива од централниот буџет за да може да исплати пензии и натаму не се намалува.

Токму ова, го констатираше и Државниот завод за ревизија во ревизорскиот извештај за работењето на Фондот за ПИОМ за минатата година.

„И покрај тоа што по основ на наплата на придонеси од плата во 2015 година се остварени приходи за 7,8 отсто поголеми во однос на 2014 година, нивото на обезбедени средства не обезбедува непречено функционирање на Фондот за ПИОМ, поради што континуирано со Буџетот на РМ се предвидуваат средства за покривање на дефицитот по пат на трансфери од Централниот Буџет. Фондот за ПИОМ во текот на 2015 година за навремена исплата на пензиите во воспоставените рокови за секој месец има користено позајмици од Буџетот на РМ кои тековно ги враќал со средства од сметката на која се врши уплата на придонесот од пензиско и инвалидско осигурување“, се наведува во ревизорскиот извештај.

Сава РЕ ги здружува осигурителните друштва на групацијата

Сава РЕ ја доби потребната дозвола од Словенечката агенција за надзор на осигурувањето, за здружување на своите осигурителни друштва, кои се со седиште во ЕУ.

Здружувањето ќе се спроведе по пат на спојување на осигурителните друштва Zavarovalnica Talia, прекуграничното Осигурително друштво Велбет и Велбет животно осигурување, Zavarovalnica Maribor. Соединувањето на овие осигурителни компании е одобрено и од Хрватската агенција за надзор на финансиски услуги.

Соединетото осигурително друштво ќе започне правно и формално со работа во ноември под име Zavarovalnica Sava (во Хрватска Сава осигурување). Компанијата ќе биде предводена од петочлена управа.

Комплексните процеси на припојување се спроведуваат според претходно изготвен нацрт. Во соопштението се наведува дека целта на компанијата е во текот на процесот клиентите да не осетат значајни промени, кои би влијаеле на квалитетот на услугите.

Конкурс за истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Македонија

Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на управување со ризици и осигурување во Република Македонија, како и афирмација на млади и стручни кадри, Агенцијата за супервизија на осигурување доделува годишна награда за 2016 година за истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Македонија.

Годишната награда на Агенцијата за супервизија на осигурување изнесува 80.000,00 денари.

Трудот задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 15.000 зборови (без апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување кое ги содржи следните основни делови:

  • апстракт;
  • осврт на консултираната литература од областа која се истражува;
  • опис на методите на истражување кои се користат во трудот;
  • анализа;
  • заклучни согледувања и
  • библиографија.

Крајниот рок за пријавување на овој конкурс е 30.09.2016.

Извор aso.mk

Новата директива „Солвентност 2“ треба да ја зголеми довербата на осигурениците кон осигурителните компании

Осигурителниот пазар во Македонија бележи постојан пораст години наназад. Зголемувањето на бројот на полисите покрај зголемените приходи на осигурителните компании значи и зголемување на потребната солвентност, т.е. нивната платежна способност во случај на настанување на одреден осигуран случај. Првиот човек на осигурувањето во Македонија, Климе Попоски, претседателот на советот на експерти, органот кој управува со Агенцијата за супервизија (АСО), појаснува дека со новата директива „Солвентност 2“, се предвидува да се воспостави систем на интерни контроли кои ќе обезбедат идентификација, мерење, управување и известување за сите ризици на кои е изложено друштвото за осигурување во работењето со што ќе се намали ризикот од банкрот на друштвата за осигурување.

osigurajse.net: Во рамките на ЕУ од 01.01.2016 стапи на сила новата директива „Солвентност 2“. Ќе можете ли во кратки црти, на јазик разбирлив за читателите да имобјасните што всушност претставува оваа директива?

К.П.: Директивата 2009/138/EC на Европскиот Парламент и Совет од 25 ноември 2009 година која се однесува на дејноста осигурување е донесена со цел да се воспостават нови правила за вршење на дејност осигурување на територијата на единствениот пазар формиран од земјите членки на Европската унија. Поради сложеноста и обемноста на новата регулатива, а на барање на осигурителната индустрија и супервизорските органи, примената на Директивата е одложена и стапи на сила на 01.01.2016 година.

Често пати, новите правила содржани во Директивата се објаснети како систем изграден на три столба.

Првиот столб се однесува на способноста едно друштво за осигурување да потврди дека има соодветни финансиски ресурси да ги исполнува сите обврски во работењето. Овие барања се квантитативни, како на пример, минимален износ на потребен капитал што едно друштво за осигурување мора да го поседува.

Вториот столб воспоставува барања кои се однесуваат на системот на управување и воспоставување на систем на управување со ризици кој ќе ги идентификува и мери ризиците. За секоја категорија на ризик на кој е изложено друштвото за осигурување ќе биде потребно друштвото да поседува капитал, со цел доколку настане ризикот да има средства кои ќе ги покријат неочекуваните обврски во работењето. Покрај ова, вториот столб воспоставува барања за спроведување на ефективна супервизија на друштвата за осигурување и воспоставување на прекугранична соработка на супервизорските органи, со цел намалување на ризикот од ширење на системски кризи.

Третиот столб се фокусира на обелоденувањето на податоци, известувањето и транспарентноста за изложеноста на ризици, висината на потребниот капитал и состојбата на расположивиот капитал.

Новите правила ги земаат во предвид природата, обемот и сложеноста на работењето и пропорционално на изложеноста на ризици бараат воспоставување и функционирање на соодветен систем на интерни контроли со цел ефикасно управување со истите.

osigurajse.net: Зошто се напушта претходната директива „Солвентност 1“, и што е подобрувањето кога се во прашање осигурениците?

К.П.: Солвентност 1 беше во примена во земјите членки на ЕУ над 40 години. Во контекст на современите пазарни трендови и случувања оваа регулатива покажа низа структурни слабости. „Солвентност 1“ на прилично едноставен „еден-модел-одговара-за-сите“ пристап (анг. one-model-fits-all approach) воспостави капитални барања за друштвата за осигурување кои не ги земаа предвид карактеристиките на бизнисот и изложеноста на различни видови ризик во работењето, пред се ризик од недоволни премии за осигурување (потценување на техничките резерви), пазарен ризик, кредитен ризик и оперативен ризик. Оттука „Солвентност 1“ не овозможува точна проценка на ризичниот профил на едно друштво за осигурување; не овозможува навремена и точна интервенција на супервизорскиот орган; и не овозможува оптимална алокација на капиталот, односно алокација која е ефикасна од аспект на ризикот/приносот на акционерите.

Новата регулатива треба да го промени пристапот на сите заинтересирани страни во однос на работењето на друштвата за осигурување, а во интерес на намалување на ризикот од банкрот на друштвата за осигурување. Органот на управување и надзор на друштвото за осигурување треба да воспостави систем на интерни контроли кои ќе обезбедат идентификација, мерење, управување и известување за сите ризици на кои е изложено друштвото за осигурување во работењето, а кои можат да влијаат на солвентноста на друштвото. Друштвата за осигурување треба да имаат доволно средства, кои треба да служат за покривање на евентуални идни неочекувани обврски во работењето кои би се појавиле како резултат на ризиците. Доколку се воспостави ваков систем во секое друштво за осигурување, тогаш ризикот од несолвентност во голема мера ќе се намали, што е најдобра гаранција дека обврските кон осигурениците ќе бидат навремено и во целост намирени. Затоа, се смета дека „Солвентност 2“ во значителна мера и обем ќе ги зголеми барањата кон друштвата за осигурување, но ваквиот регулаторен товар треба да придонесе кон подобрување на финансиската стабилност на друштвата за осигурување што е од примарно значење за осигурениците и корисниците од осигурување.

osigurajse.net: Народната банка на Србија подготви „Стратегија за имплементација на Солвентност 2“ и истата ќе се имплементира етапно. Како и кога се планира да се имплементира новата директива во Македонија?

К.П.: Во согласност со усвоениот од Владата на РМ Акциски план за приближување на Република Македонија кон Европската унија, Спогодбата за стабилизација и асоцијација и Стратегијата на Министерството за финансии, како предлагач на законските акти, предвидено е т.н. Директива Солвентност 2 да биде прифатена и во Република Македонија. Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување се корисници на техничка помош обезбедена преку т.н. Twinning проект со регулаторното тело на Кралството Шпанија, со цел новата регулатива Солвентност 2 да биде транспонирана во домашниот систем на осигурување. Проектот е предвидено да трае до крајот на 2017 година кога веќе треба да има изготвен текст на предлог на Закон за осигурување. Сепак, имајќи ја предвид комплексноста на новата регулатива, и фактот што ќе бидат потребни јавни читања и оставено време за коментари од претставници од осигурителната индустрија на предложените законски и подзаконски акти, реално е да се зборува за одложена примена на новиот Закон за осигурување.

osigurajse.net: Дали македонските осигуротелни компании се доволно солвентни и колку ќе ги погоди новата директива?

К.П.: Друштвата за осигурување во Република Македонија се солвентни, во согласност со барањата на Законот за супервизија на осигурување, а капиталот на друштвата за осигурување е над 4 пати повисок од потребното ниво на маргина на солвентност. Агенцијата за супервизија на осигурување редовно, квартално, ја информира јавноста за солвентноста на друштвата за осигурување.

Имајќи ја предвид големината на домашните друштва за осигурување, структурата на осигурителното портфолио, односно ризиците кои во моментов друштвата за осигурување ги превземаат во осигурување, како и структурата на вложувања на средствата, не се очекуваат некои значителни зголемувања во однос на постојните барања кои се однесуваат на потребниот капитал за вршење на дејноста осигурување. Поголема е веројатноста да има потреба од промени во однос на начинот на управување, односно барања за воспоставување на нови функционални организациски единици во рамки на постојната организациска структура, кај поголемиот број на друштва за осигурување. Промени ќе има и во поглед на формата и содржината на извештаите кои друштвата за осигурување во иднина ќе треба да ги изготвуваат и доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување и до пошироката јавност.

osigurajse.net: Еден од главните фактори на малиот број полиси по глава на жител е недовербата на граѓаните кон осигурувачите. Очекувате ли дека новата директива може да допринесе да се зајакне довербата?

К.П.: Точно е дека бројот на полиси по глава на жител е мал, во споредба со земјите во развој. Сепак, пазарот на осигурување бележи позитивни трендови на раст. Просечната годишна стапка на раст на осигурувањето на живот изминатите пет години изнесува над 20% и претставува една од највисоките стапки на раст споредено со земјите во регионот. Исто така, секоја година се бележат и умерени позитивни стапки на пораст кај неживотното осигурување. Довербата на граѓаните е од клучно значење за раст и развој на пазарот на осигурување. Друштвата за осигурување во Република Македонија издвојуваат технички резерви во согласност со барањата на регулативата што им овозможува непречено да ги извршуваат обврските од договорите за осигурување, а позитивните индикатори за солвентност и ликвидност се гаранција дека се створени неопходните предуслови за зголемување на довербата на граѓаните кон друштвата за осигурување. Новата директива секако дека ќе придонесе во намалување на ризикот од неуспех на друштвата за осигурување, а со самото тоа и до поголема доверба на осигурениците и потенцијаните осигуреници.

 

По 60-ти пат се одржа Les Rendez Vous de Septembre

Од 10ти до 15ти септември, во Монте Карло, се одржа јубилејниот 60ти Les Rendez Vous de Septembre, собир на најголемите светски (ре)осигурувачи. Во излагањата на првите луѓе од осигурителниот бизнис се елаборираа моменталните трендови, се анализираа предвидувањата за иднината на секторот и се стави фокус на постоечлите и можните закани со кои се соочува оваа индустрија.

Ви издвојуваме дел од најкоментираните заклучоци:

Munich RE: Зголементата дигитализација и интерконекција во светот, во речиси сите области од економијата, значи дека се отвараат нови димензии на ризиците. Како кај физичките, така и кај правните лица се зголемува интересот за осигурување од ваков вид на изложеност. Глобалната премија за сајбер осигуруавње моментално изнесува околу $3 милијарди, но се очекува до 2020 да достигне и до $8-10 милијарди.

JLT RE: Секторот на (ре)осигурување е во опасност поради тоа што резервите се одлеваат побрзо од тоа колку приливите диктираат. Ситуацијата е слична како во периодот од 1998-2000. „Анализирајќи го квартално развојот на резервите на триесетте најголеми (ре)осигурувачи, започнуваќи од 1998, и споредувајќи ги со потребните приливи кои треба да ги покријат загубите на компаниите, цените и претходните циклуси, нашето истражување покажа дека неодстатоците се блиску до најнегативното нивно влијание врз приходите на компаниите во првите години од новиот милениум“.

AON: Побарувањето на реосигурување е во пораст во последните 18 месеци, како последица на порастот на глобалното осигурување на имот и осигурување од несреќа, кое е забележано за прв пат по период од неколку години. Овој тренд се очекува да продолжи и до крајот на годината. Во нивната поединечна анализа се предвидува дека осигурувањето на имот ќе остане релативно стабилно од 01.2017. Осигурувањето на возила се очекува да продолжи со растот, со обнова на постоечките договори и склучување на нови. Сајбер осигурувањето се очекува да доживее огромен раст во 2018, кога ќе стапат на сила новите регулативи на ЕУ за заштита на податоци и со тоа ќе се зголеми побарувачката на овој тип полиси надвор од САД, каде во моментов се склучуваат 90% од договорите од овој тип на осигурување. По поголго време земјоделското осогурување остварува профит и се очекува да го задржи трендот на раст со созревање на пазарите во Азија.

Hannover RE: Очекуваме поголема стабилизација на цените и условите за обновата спогобите на 01.01.2017. „Очигледна е намерата на реосигурувачите да ги зачуваат цените од понатамошен пад. Ова веќе се рефлектираше на значајно пригушен пад на цените за обновата на договорите во првата половина на 2016. Во оваа ситуација за нас е клучно да оствариме бизнис резултати кои ќе ја задоволат долната граница, иако тоа би значело да се намали висината на премиите.“

GUY Carpenter: Индустријата мора да се адаптира и да се осовремени за целосно да го зграби потенцијалот. „Денес живееме и работиме во хипер-поврзан свет, од размена и капитал, до преселба на луѓе и трансфер на податоци. Во морето на технолошки конекции всушност е зачеток на нова фаза на глобализација, полна со можности, но подеднакво изложена на сериозни ризици. Осигурителната индустрија се соочува со свет кој е радикално променет. Затоа мора да се преиспита нејзината улога и да препознае дека традиционалниот бизнис модел не е дизајниран да ги задоволи барањата на новото опкружување, иако можеби ќе продожи да остварува профот.“

Swiss RE: Технолошкиот прогрес ќе ги промени бизнис моделите. Развојот на технологијата длабоко ќе го промени начинот на кој (ре)осигурителната индустрија ќе се развива, дистрибуира, осигурува и ќе управува со осигурителната заштите што ја продава на клиентите. Новите технологии, како когнитивни и облак е-општества, ќе допринесат да се поедностави и забрза процесот на осигурување и генерално ќе ја намали цената на полисите. „Индустријата искуси многу промени низ времето. Нашата цел е да партнеруваме со нашите клиенти и да им помогнеме да нападнат нови пазари и исто така да избегнат што повеќе ризици во иднина. Да се биде во центарот на технолошката трансформација беше клучниот дел на нашата стратегија која ја усвоивме минатиот декември. Со нашето знаење и разноврсност, сакаме да го зголемиме импулсот со цел да им помогнеме на клиентите да се прилагодат и да напредуваат. Горд сум што можам да кажам дека Swiss RE е од почетокот во Монте Карло, уште од 1957, и претставува јак партнер на сите наши клиенти и со заедничка работа носиме паметни одлуки“.

Осигурителна компанија доби на суд пресуда против сторител на вооружен грабеж за надомест на штета

На 20.08.2012 Божидар Рубинич, во вооружен грабеж на филијала на хрватската пошта во Света Недела, успеал да украде 12.494.7 куни. Набрзо потоа бил фатен од хрватската полиција и спроведен пред судските органи. Рубинич бил осуден на законска казна во траење од една година.

Неодамна Рубинич повторно се најде на обвинителната клупа, овој пат по тужба од Кроација осигурување. Повикувајќи се на хрватските закони од компанијата побараа Рубинич да ја надомести штетата нанесена со грабежеот.

Имајќи ја во предвид претходната пресуда против Рубинич за вината во врска со грабежот, судот донесе одлука дека Рубинич треба да ги врати украдените пари со сѐ камата и да ги плати судските трошоци во висина од 1.450 куни.

Осигурителните компании во Србија успешно го поминаа стрес – тестот

Народната банка на Србија (НБС), во согласност со своите ингеренции на супервизор на осигурување, спроведе стрес-тест на секторот осигурување во Србија со цел да се согледа изложеноста на ризици на поединечни осигурителни друштва. Стрс-тестот претставува проекција на финансиската состојба во случај на реализација на екстремно штетни настани, кои настануваат како последица на еден или повеќе фактори на ризик. Веројатноста на настанување на овие ризици е мала, но сепак не се исклучува можноста за нивна појавување.

Стрес – тестот на НБС, кој е развиен во склад со најдобрата супервизиска пракса, во согласност со методологијата за стрес – тест на Европското тело за надзор на осигурувањето и пензиите (EIOPA) и одредбите од директивата Солвентност 2, опфатени се три, меѓусебно независни, екстремни сценарија:

  • „Потешки пазарни инвестиции“ – загуба поради намалување на вредноста на акциите, недвижностите и побарувачката за полиси; ова сценарио најголем ефекти би имал врз адекватноста на капиталот, пред сѐ поради намалување на вредноста на недвижностите и побарувачката на полиси;
  • „Реосигурување“ – загуба поради неизвршени обврски од страна на реосигурувачот/ретросценарио, кој не би имал голем ефект врз секторот осигурување;
  • „Актуарско“ – загуба поради зголемена смртност поради пандемија слична на шпанскиот грип и недоволна резервација за штети, кој би имал значаен ефект на адекватноста на капиталот

Резултатите од спроведениот стрес – тест укажуваат на тоа дека секторот осигурување и по стрс – тестот, т.е. во случај на реализација на екстремни и малку веројатни шокови, останува стабилен, високо капитализиран и не би била загрозена адекватноста на капиталот.

Извор nbs.rs